Дува (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Дува)
Дува

Дувароман на македонскиот писател Божин Павловски од 1973 година во издание на „Мисла“ од Скопје. Истата година, делото било наградено со „Рацинова награда“[1] На крајот од романот е наведено дека е пишуван во Скопје, Охрид, Сиднеј и Мелбурн, од март 1968 до јуни 1973 година.[2]

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од 37 глави и во него е опишана судбината на Игор, Македонец со потекло од едно село во Малесија, кој израснал во Канада, а потоа се враќа да работи како туристички водич во еден хотел на брегот на Охридското Езеро. Првиот ден по враќањето дома, него го посетува братучедот Јане, кој долго време поминал работејќи на брод при што го пропатувал светот. Кога доаѓа во хотелот, Игор ја запознава неговата колешка, убавата девојка Јулија во која се вљубува Притоа, веќе при првата нивна средба, Игор го кажува своето претчувство дека еден ден езерото ќе исфрли човечки труп, а претчувството го поткрепува со неколку случаи во кои ја претскажал смртта на неколку луѓе.

Уште во првите денови од својата работа во хотелот, Игор започнува да ги запознава вработените: директорот, кого го викаат „Лисица“, поранешен партизан кој не сака да се пензионира; рецепционерот Бојаров, кој крои планови за смена на директорот и за таа цел ги врбува вработените; чуварот Макале кој уште на прв поглед му станува одбивен; собарката Милица, родена и порасната во Австралија итн. Притоа, Игор се зближува со неа и ја прифаќа нејзината покана да ја посети во домот, каде го слуша раскажувањето на нејзиниот болен татко за историјата на неговото родно село, Бапчор. Истовремено, нему му приоѓа Макале, кој му открива дека тој го пренесол неговото семејство преку езерото во Албанија и дека поради тоа одлежал две години во поправен дом за малолетници.

Еден ден, Игор оди да го посети братучедот Јане во Малесија, со кого се враќа во хотелот. Таму, тој доживува психичка криза и сонува кошмарен сон. Воопшто, тој е вознемирен и незадоволен од својот престој во татковината, увидувајќи дека не може да се снајде во новата средина. истовремено, тој е разочаран од однесувањето на Јулија, која се приклонува кон сплетките на Бојаров и станува блиска со него. Додека Јане во хотелот ги раскажува своите доживувања, Игор ненадејно заминува во градот за да го види таткото на Милица, а потоа со неа оди во Свети Наум. По враќањето во хотелот, тој му се пожалува на Јане за своите проблеми, а Јане му признава дека и тој не се снашол во татковината и дека планира пак да отпатува во светот.

Во хотелот владее голема возбуда, зашто директорот Ристо го најавува доаѓањето на бројни странски туристи. Игор е вознемирен и разочаран, а при една расправа со Јулија таа му признава дека е во врска со Бојаров и дека планира да се омажи за него. Игор ненадејно заминува кај Милица и ја бара за жена. Таа се согласува, но го советува да оди во хотелот за да се смири. Игор доаѓа на брегот на езерото и забележува едне чамец како се ниша во водата, а нечиј глас бара помош. Мислејќи дека се работи за рибар кој е во неволја, тој оди да го спаси, иако е свесен дека не знае да плива. Притоа, тој не знае дека станува збор за мамка, зашто Макале е тој кој ја прави сцената. Немоќен да дојде до чамецот, Игор потонува во водата. Директорот на хотелот и Јане одат во болницата да го идентификуваат давеникот, а потоа го закопуваат во родното село во Малесија. Набргу, умира таткото на Милица, Ристо се разболува, а Милица го напушта хотелот и наоѓа друга работа. Еден ден, Јане ја посетува Милица, а потоа заминува на пат.[3]

Изданија на романот[уреди | уреди извор]

Петто издание[уреди | уреди извор]

Во 1981 година се појавило петтото издание на романот, во издание на „Мисла“. Книгата е со тврд повез, со димензии од 22 сантиметри и со обем од 311 страници, а ликовното обликување е дело на Симеон Ничев. Таа била испечатена во графичкиот завод „Гоце Делчев“, во 3.000 примероци. Книгата е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје, но без меѓународната ознака ISBN.[4]

Критички осврт кон романот[уреди | уреди извор]

Веднаш по објавувањето, романот бил топло прифатен како од страна на македонската критика, така и од страна на публиката. Како резултат на тоа, за брзо време биле објавени повеќе критички осврти кон делото, кои расправаат за неговите латентни пораки и ги толкуваат неговите ликови. Во „Дува“ авторот применува нетрадиционална и современо оркестрирана постапка со која се зафаќа со честата тема во македонската книжевност – печалбарството. Притоа, речиси сите ликови во романот се личности со несреден живот и со скриени скитнички страсти. Напуштајќи го методот на еднонасочна нарација, Павловски создал дело со сложен композициски контрапункт и течна прозна експресија. Наспроти едноставноста и лежерноста на изразот, романот има разгранет поттекст и повеќеслојна нарација. „Дува“ не е реалистички роман во класичната смисла на зборот, ниту поетски роман, иако во него провејуваат лирски, поетски интонирани места. Во таа смисла, романот се одликува со драмски поттекст.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Божин Павловски - Хронологија“, во: Божин Павловски, Дува (петто издание). Скопје: Мисла, 1981.
  2. Божин Павловски, Дува (петто издание). Скопје: Мисла, 1981, стр. 293.
  3. Божин Павловски, Дува (петто издание). Скопје: Мисла, 1981, стр. 293.
  4. Божин Павловски, Дува (петто издание). Скопје: Мисла, 1981.
  5. Милан Ѓурчинов, „Дува“, во: Божин Павловски, Дува (петто издание). Скопје: Мисла, 1981.